Saturday, February 11, 2012

Конфузија


Посакувам да можев да ги слушнам сите приказни на светов. Да ги знам сите тајни за успешен живот, за исполнетост со хармонија, секој ден некој да извезе за мене нова прекривка од неговите спомени, а истата да ме топли. Толку луѓе, толку различни патешествија, посакувам да можев да ги имам. Се учи од сопствените чекори, но и од оние на другите. Не сакам да ги затворам очите пред она што може да ме научи да го прескокнам вирот, секогаш подобро е кога чевлите ми се суви…
Чекориме по секакви улици, некои прави, некои криви, други прашливи и непроодни, учиме животни лекции од чекорите кои сме ги правеле по нив. Некои приказни биле топли, со мека основа, прекрасни за доживување, други ни ги повредиле стапалата…
Секоја една од овие приказни е испишана во книга која секој од нас ја чува на посебно место во себе…
Она што ме интригира е посебната особина на човечкиот ум тие приказни да ги повторува во реалноста, најчесто луѓето имаат потреба да се присетуваат на оние трнливи денови, додека пак спомените просеани со убавина, ги оставаат во втор план… Се прашувам зошто? Можеби за да се присетат на онаа удобност која во моментот ја имаат? Можеби да си доловат дека секогаш има подобро? Можеби…Како и да е… Снегот повторно ме израдува оваа зима. Прошетките по белите улици, надве-натри со забелени, кристализирани гранки од дрвјата кои бдеат над патеките за шетање, се едни од моите омилени. Се изгледа толку чисто, мирно…Сета неправда и непристојност како да се задушила во таа примамлива атмосфера која не повикува да заиграме на снегулките… Паѓаат и паѓаат. Пуста белина, ни ги крати очите и не гали по црвените образи. Шалчиња, капчиња, ракавици, неизмерно шаренило го стоплува студот во нашите погледи.
Пристигнувањето дома е особено пријатно. Топол чај кој додека се правел, го процветал својот мирис низ просторијата во која седиме, две-три свеќи, човекот кој ви значи, драг разговор кој почнал уште на прошетката и ете ја вашата совршена вечер… Секоја прилика која ви е дадена може да биде во основа толку едноставна и еднобојна во почетокот, сè што ви треба за да добие топлина во себе е креативноста која се крие во вашиот ум.
Сакам да цртам. Тоа е мојата пасија. Гаам љубов кон уметноста уште од мала. Секое чувство кое ме обзема го ставам на лист хартија… Понекогаш и малите скици кои сум ги направила прераскажуваат многу. Застанувам пред публика со своите дела, во таа публика моите очи се најважни гости. Самокритичност. Помага. Но само во одредени количини.
Идејата ми е, дека секоја нишка која паѓа врз вашите очи како превез, со малку труд може да стане големо парче ткаенина, секоја конфузија во вашето тело, може да прерасне во прекрасен танц, секоја игра која ја играте, може да стане вашата театарска претстава… Сè што треба е да верувате во себе, да споделувате и лицето на секое старо, да го измиете со ново.
До следно читање, имајте убав ден,
Со љубов насликана од срце

No comments:

Post a Comment

Don't worry, we're just indie kids

My photo
Kingston, Jamaica
Sara, 16. Born and raised in Macedonia. Aquarius. Freddie Mercury, Eric Clapton, Sinead O'Connor, Birdy, Bukowski, Nabokov and tea ♥.