Уште од мали не учеа на пластични цуцли, пластични играчки, кои потоа се претворија во пластични шишиња, па и пластични коцки. Така создадовме пластични битија со пластични мозоци. Живееме во време во кое постои тенденција разликите да се осудуваат, а чувствата остануваат тајни од кои луѓето се срамат. Живееме во време во кое среќата се мери со пари, љубовта со бисери, а зад пријателската прегратка се наоѓа и по некој скриен нож.
Живееме според принципи на едно ограничено општество кое не не прифаќа онакви какви што сме, туку такви какви што треба да бидеме според неговите одредени и невозможни пропорции.
Па и не е чудно што се кршиме под тие неиздржливи притисоци. Да, дисфункционална е нашава култура. Од нас создава страшни монструми. И ако случајно се види пиреј покрај розите, ќе се најде барем еден да го искорне и уништи. Јас, на пример, сум совршено добар морков кој сите сакаат да го претворат во роза. Како морков имам убава боја и убаво мирисам. Кога пробуваат да ме претворат во роза, почнувам да се сушам и венеам. И како може да биде возможно некој да создаде свое индивидуално, независно, а сепак моќно битие, без да биде осудуван поради својот успех ? Да, таква е нашата природа- осудуваме без да знаеме низ каков трнлив пат минал некој додека да стигне до убавата роза.Осудуваме, уништуваме... за подоцна друг да ни биде крив кога ќе не стигне пропаста на нашите возвишени идеали.
И сеуште не можам да сфатам зошто слепо ги следиме искривените идеали како последен моден тренд...
No comments:
Post a Comment